Search This Blog

Tuesday, November 6, 2012

Вилијам Шекспир - Хамлет


Неконтраисторичен,средношколски пост :)


Помеѓу „да се биде„ или „да не се биде„







Толстој рекол за Шекспир дека „погубно делува на гледачите и читателите„ мислејќи првенствено на Хамлет.За Толстој „читателите и гледачите „била руската интелигенција која во Хамлет го видела прототипот на „славјанскиот„ чувствителен и беспомошен ,„одвишен човек„.

За современите „шекспиролози„ најтешко е прашањето зошто Хамлет веднаш не го послушал Духот и не спасил седум од осумте изгубени животи во дејството на драмата.

За Хамлет и околу Хамлет постојано се пишувало и се пишува.Хамлет не е само едно од најголемите дела на светската литература.Но помеѓу најголемите изгледа дека е најзагадочно.Затоа големиот великан на англиската поезија Томас Стернс Елиот ќе каже дека Хамлет е Мона Лиза на литературата.

Средиштето на драмата е хамлетовското основно и древно прашање на оклевањето.

Зошто тој од сите шекспирови јунаци најтешко носи одлуки?Зошто толку трагично и доцна се решава да делува?Тој го обожува својот татко велејќи дека неговиот татко личи на неговиот чичко како „Аполон на Сатир„.Штом од Духот ќе дознае за злосторството веднаш се колне дека ќе се одмазди.Дури и вели дека се друго ќе избрише од „табличката на мозокот„.Па сепак,не делува.Постојано го одложува својот план за одмазда.Тој го изведува својот план со „стапицата„ за Клаудиј и лично се уверува во злосторството а сепак мечот му останува во кориците.Додуша тој исцрпно теолошки ни објаснува дека кралот ќе биде помалку виновен на „оној свет„ ако е убиен за време на молитва.Неговото однесување е двосмислено.Ќе го убие Полониј.Ќе ги прати во смрт Гилденстерн и Розенкранц и ќе се врати во Данска ,зошто веднаш не го убие Клавдиј туку дозволува тој да му намести двобој со Лаерт?Не ли е „одмаздата„ на Хамлет само „случајност„ како што тврдел Доктор Џонсон?

Прашања се ројат во сите правци.Зошто Хамлет цинично ја брка Офелија во манастир?Зошто не ја прифаќа понудената помош од својот верен пријател Хорацио?Дали неговото„лудило„ е само маска пред непријателите или е состојба која е повеќе од „преправање„ а помалку од „лудило„. Сите овие прашања водат до централното прашање. Дали е Хамлет навистина трагичен јунак, голем во својата болка , како што е воздигнуван од романтичарите? Или тој е само човек соочен со гнасниот свет на практичната политика измачен од општиот апсурд на положбата на човекот во светот? Или е „пратеник на смртта„ кој не се сложува со животните ограничувања и тежејќи кон идеалното ги уништува основите на сопствениот живот и на туѓите животи?Дали Хамлет е жива спротивност на универзумот на здравиот , робустен живот, доброќудноста, хуморот, романтичната сила и благосостојбата?Не ли е Хамлет е затруен од злото кое постојано го набљудува како да е фасциниран од она што го осудува?

На сите овие прашања можеби никогаш нема да се даде дефинитивен одговор.Изгледа дека досега секое време во Хамлет барало свои одговори на своите прашања.Секоја генерација му се обраќала на Хамлет како на некоја Питија која ја има магичната формула на животот.Затоа вреди да се постави уште едно прашање,она кое им претходи на сите досега поставени.

Од каде му на Хамлет таков авторитет на Делфиско пророчиште?

Затоа што токму овде се најчестите прашања ,односно прашањата за смислата и бесмисленоста на живеењето?Со еден збор,зошто Хамлет толку не привлекува што не можеме да не се запрашаме за патиштата на неговата судбина,гатајќи ја сопствената судбина од неговата.

Во центарот на трагедијата на Шекспир стои човек кој многу бара од животот а секоја неправда ја чувствува како свој сопствен пад и пораз.Во Хамлет бие секој дамар на свеста и тој секое прашање го подига до висините на смислата на самиот живот.Шекспир го надарил својот лик со толкава чувствителност и ум што не постои движење од кое не трепери хамлетовото срце, нема вистина која неговото „духовно око„ не ја гледа, нема идеал кон кој неговата душа не се стреми.Таквиот човек Шекспир го изнесува на сцената за време на неговиот прв судир со смртта ,најцрната и најтешка животна вистина.

Хамлет го губи својот татко.Се враќа дома од школување и не го затекнува.Едноставна вистина која е тешко да се прифати и сфати.Ликот на неговиот татко сега живее само во неговата душа а за очите е неповратно изгубен.Каде и да погледне Хамлет неговиот татко го нема ,постојано и повторно го нема.Но тука е неговата мајка која го предава споменот на својот покоен маж и се мажи за неговиот чичко кој пак се топори со надувани политички говоранции за „општо добро„.Нивните ликови се такви што тешко дека Шекспир можел да смисли посоодветни мрдачи на „ ножот во грбот „ на Хамлет.

Искусен во политичките игри Клавдиј се обидува да му се додвори на својот внук и „син„,но Хамлет ја проѕира и презира таквата вербална блискост.„Внук,а не син ,неприроден татко„ вели тој.Кога и да проговори неговиот глас е глас на болката кој попреку стигнува до вистината „Слабост,жена ти е името!„,„да се биде или не?...„Пред крајот му вели на Хорацио „подготвен биди,тоа е се„ а неговите последни зборови се „Преостана молчењето„.

И сето ова звучи како некоја филозофија во која трепери грчот на болката од која е родена.По ова гласот на Хамлет е препознатлив и поинаков од гласот на сите други шекспирови јунаци.Истовремено тој е некако најопштиот шекспировски глас бидејќи тој глас се слуша далеку од рамките на шекспировската драма.Во многу литературни дела овој глас на несреќниот дански принц одново се раѓа и се размножува.Гласот роден од најтемната болка и зафатен со граничните вистини на постоењето.Овој глас од бол-непребол уште повеќе изострен со интелигентниот ум е неодолив и длабоко човечки .

Хамлет е лишен и од она кое го теши човека кога ќе му почине некој близок.Луѓето тогаш се собираат ,се тешат меѓусебно.Така е полесно.Блиските ја подметнуваат и својата душа за ожалостениот да го поднесе товарот на болката.Во тие мигови најобичниот утешителен збор многу значи.Но Хамлет е сам во својата болка.Тој дури и со Хорацио не може  да подели се' бидејќи „има нешта на небото и земјата„ за кои Хорацио не ни сонува а Хамлет е опседнат со нив.А што да се каже за мајка му и чичко му.За мајката смртта на таткото е „обична работа„ која ја дели целото човештво.Што да каже Хамлет одвоен од својата мајка со ѕид рамнодушност освен „да Госпоѓо,обична„.Така болката на Хамлета останува само негова болка.

Кога ќе му вети на Духот дека се ќе избрише од помнењето,бришењето го започнува од онаа која му е најтешко да ја избрише.Од Офелија.Каква љубов кога неговиот татко е подмолно убиен?Каква смисла има љубовното умилкување за оној кој добил улога на одмаздник?Освен тоа ,Офелија е жена како неговата мајка која брзо го заборавила својот сакан сопруг.Зарем и на Офелија „слабоста„ не и е име?Зарем таа не е послушна „ќерка на тато„ преку која го шпиунираат?Тој сето ова ќе и го каже со горчина на некој кој „некогаш сакал„.

Тој не може да смета ниту на своите пријатели Розенкранц и Гилденштерн,тој започнува да им се исповеда но наскоро сфаќа дека пред него стојат бедни доушници кои се дојдени да го шпиунираат.Конечно Хамлет ќе го открие во себе и оној кој „подобро мајка да не го родила„.Во средба со актерите тој малку ќе се заборави и ќе се израдува.Шекспировата љубов кон театарот кој на луѓето им помага да и се насмеат на непријатната стварност за миг на Хамлета му носи заборав.Но кога ќе остане сам станува свесен и за тој „животински заборав„ и самиот себе се обвинува дека е подлец и „низок роб„ поради тоа.

Така од неговата душевна мака светот на Хамлет се распаѓа на парчиња.Делото на Шекспир расте до моќна слика на потполното и дефинитивно соочување со смртта кое сиот живот го фрла во бесмисленост и ништожност.Во огледалото на хамлетовскиот ум се повеќе не се гледаат живи луѓе туку костури.Приказната на злосторството во данскиот дворец се повлекува во втор план и станува рамка на подлабока драма.Во воздухот лебдат најстрашни прашања.Ќе издржи ли Хамлет или ќе се убие?Има ли потпора и оружје за ваква нерамноправна борба?Како тој,згрозен од животот, да не ја посака смртта?Во средишниот монолог тој е на меѓата „да се биде„ или „да не се биде„.И така се до крајот.Со черепот на Јорик  на гробиштата ја одмерува ништожноста на животот со оглед на неминовноста на смртта.Ете,ќе му рече тој на Хорацио како човек по трагата на преобразувањето би можел да исфантазира како Александар Македонски се претвора во обична затка за пиво.

Хамлет не само што и гледа на смртта в очи,тој ја разгледува од сите страни.Ја открива нејзината мрачна привлечност.Со голо ноже можеш да „се ослободиш„ вели тој.Слобода,крајната точка во која запира измачувачката мисла за сопствената смртност.

Во хамлетовските кризи има некоја чудна негативна величина.Тој оди по земјата сиот свртен кон небото, рушејќи се пред себе.Шекспир има и други трагични јунаци.Но Отело на пример,сета вина ја фрла врз Дездемона за разлика од Хамлет кој гледа вина во сите но и во себе.Затоа неговата болка е подлабока и универзална.

Човекот е ремек дело со неограничени способности според разумот сличен на Бога но под товарот на злото и страдањето  се распаѓа во прав.Храброста на човекот е хамлетовската храброст да си го постави крајното прашање,без да заобиколува затоа што е опасно да се мисли на него.

Во прочуениот монолог „да се умре...да се спие„Хамлет запира на границата од која се враќа назад разбирајќи дека „никој оттаму не се вратил„ и дека тој за смртта фантазира како за идеал кој не е тоа.

Тогаш добива малку цврста почва под нозете.Навистина ,реалноста е изменета пред можноста за сопственото небитисување.Тогаш тој ги прави првите чекори во изменетата ралност и следува вториот дел на драмата.Во него Хамлет повеќе не очекува ништо.Најмалку пак очекува животот да биде на висина на неговите животни идеали.Тој ќе ја понижи Офелија обидувајќи се да и ја пренесе неговата сопствена нова реалност.Ќе се обиде мајка му да ја одвои од чичкото без само да се згрозува над нејзиниот неморал. Ниту пак ќе им се жали на Розенкранц и Гилденштерн туку ќе им скреска дека тој не е„свирче„на кое тие можат да музицираат по желба.

И средбата со храбриот Фортинбрас ќе му даде малку снага.Ќе сфати дека разумот не му е даден на човека за да остане во него „мемлосан,неискористен„и за прв пат своето постоење ќе го одвои од неговата етичка срж.Од тогаш тој не е повеќе заробеник на сопствениот разум.Тој во забуна наместо на Клавдиј ќе го потегне мечот на Полониј а со своите божемни пријатели ќе се пресмета по кратка постапка.Трагично но тој не се заморува повеќе со „крајната смисла„ на сето тоа. Тој е активен.Пред крајот на Хорацио ќе му го открие своето гесло „да се биде подготвен,тоа е се„.Тој го прифаќа двобојот со Лаерт не размислувајќи за опасноста,исходот и крајната цена на ситуацијата.

Шекспир постојано не потсетува дека животот не не' чека добро да се подготвиме за борба со него.А да се биде подготвен , истовремено пркосејќи на „претскажувањата„ за смртта , не е лесно.Најтешко е да се распрсне површинското „меуресто знаење„кое е „мода на времето„ во кое живееме и кое може да ни ги заврзе рацете за делување.Замрсена плева на која животот не треба да и се покори само затоа што е облечен во неа.Животот треба да се погледне в очи бидејќи

„Кога некој не знае што остава,каква врска има што го остава?„


Кратка содржина


Плоштатка пред замокот Елсинор. На стража се Марцел и Бернард, дански офицери. Кон нив подоцна се придружува и Хорацио,школски другар на Хамлет, данскиот принц. Тој дошол да се увери во раскажувањата за ноќното појавување на дух , сличен на неодамна починатиот дански крал.Хорацио смета де ка се работи за фантазија. Полноќ е. Грозниот призрак се појавува во полна воена опрема .Хорацио,потресен се обидува да разговара со него.Хорацио, размислувајќи за привидението,го смета неговото појавување за«некакви невољи во државата». Тој решава за видението да му раскаже на принцот Хамлет, кој го прекинува студирањето во Витемберг поради смртта на татка си. Болката на Хамлет е зголемена поради тоа што мајка му наскоро по смртта на неговиот татко се омажила за неговиот чичко.Таа уште „неизносувајќи ги чевлите„ со кои одела на погребот, се фрлила во прегратката на недостоен човек.


Хорацио му раскажува на Хамлет за призракот.Хамлет не се колеба и се среќава со него.Духот му раскажува за страшниот злостор.Кога кралот мирно спиел во градината, неговиот брат во увото му налеал смртоносен отров. Духот на кралот го моли Хамлета да се одмазди и да не го заборави и исчезнува.

На Хамлета му се превртува светот.Тој има намера да го одмазди својот татко.Ги моли пријателите да ја чуваат средбата со духот во тајност.

Блискиот великодостојник на кралот,Полониј,го испраќа својот син Лаерт на учење во Париз.Тој ја советува својата сестра Офелија и така дознаваме за чувствата на Хамлет од кого Лаерт се обидува да ја оттргне Офелија.

На неговите зборови се придружува Полониј, тој и вели да стои подалеку од Хамлет. Офелија му раскажува дека Хамлет бил кај неа , но како да не е при себе.Хамлет ја фатил за рака и ја погледнал со поглед во кој животот бил изгаснат.

Полониј решава дека однесувањето на Хамлет е поради тоа што тој е безумен од љубов. Полониј сака за ова да му раскаже на новиот крал. Кралот, чија совест е нечиста поради убиството, се онеспокојува од однесувањето на Хамлет.Што се случува со него, полудел ли? Или нешто друго е во прашање? Тој ги повикува Розенкранц и Гилденштерн ,стари школски другари на Хамлет, и ги моли да ја дознаат неговата тајна.За ова тој им ветува „кралска милост„.Доаѓа Полониј и раскажува дека лудилото на Хамлет е предизвикано од љубов.
Како потврда за ова тој го приложува писмото на Хамлет кое го земал од Офелија.

Полониј ветува дека ќе ја испрати Офелија на галеријата каде често се шета Хамлет за да се увери во неговите чувства.

Розенкранц и Гилдештерн безуспешно се обидуваат да ја дознаат тајната на Хамлет.
Хамлет сфаќа дека се испратени од кралот.

Хамлет дознава дека во дворецот пристигнала актерска група и добива идеја да ги искористи актерите за да се увери во вината на кралот.Тој се договара со нив кога ќе играат претстава за смртта на Пријам (Тројанска војна) тој да стави неколку свои стихови во драмата. Актерите се согласни. Хамлет го моли првиот актер да чита монолог за убиството на Пријам. Актерот чита извонредно. Хамлет е вознемирен.Тој размислува насамо. Треба да знае точно за убиството.

Кралот ги праша Розенкранц и Гилдештерн дали дознале нешто.Тие признаваат дека ништо не дознале и дека Хамлет итро се преправа дека е луд.Тие му кажуваат на кралот дека дошла актерската трупа и дека Хамлет подготвува претстава за кралот и кралицата.

Хамлет се шета осамен и го говори својот познат монолог „Да се биде или не...?„

Полониј ја испраќа Офелија кај Хамлет кој брзо сфаќа дека нивниот разговор се прислушкува и дека Офелија дошла по наредба на својот татко.Тој ја игра улогата со лудилото и и' дава совет да замине во манастир.

Малодушната Офелија е убиена од неговите зборови.Кралот се уверува дека лудилото а не љубовта е причина за неговото однесување.

Хамлет го моли Хорацио да го набљудува кралот за време на претставата.Претставата почнува.Хамлет ја коментира пиесата дека убиството на кралот е за доброто на државата а исто и женидбата со кралицата.Сцената со труењето е всушност сцената на убиството на неговиот татко.Кралот не издржува,тој се онесвестува.Полониј моли да се прекине претставата.

Сите си одат .Остануваат Хамлет и Хорацио.Тие се сега убедени во вината на новиот крал.

Се враќаат Розенкранц и Гилдештерн .Тие објаснуваат колку кралот е огорчен и колку е нервозна кралицата поради постапките на Хамлет.Хамлет зема флејта и му предлага на Гилдештерн да свири на неа.Гилдештерн одговара дека не знае да свири на флејта.Хамлет гневно прашува како може некој кој не знае да свири на флејта да сака да свири на него за тој да ги издаде своите намери.

Полониј го вика Хамлет кај неговата мајка-кралицата.

Кралот го мачи нечистата совест.Тој клекнува на колена да се моли.Доаѓа Хамлет.Тој тргнал кај неговата мајка.Се обидува да се воздржи да не го убие кралот додека се моли.

Полониј се крие зад завеса во собата на кралицата за да го чуе нивниот разговор.
Хамлет е гневен и дрско разговара со својата мајка.Забележува дека има некој зад завесата и го прободува со мечот. Сфаќа дека тоа е Полониј а не кралот како што си мислел. Кралицата го моли да ја поштеди. Се појавува духот. И тој моли да се поштеди кралицата. Кралицата не го гледа и слуша призракот. Таа мисли дека Хамлет е луд и разговара со себеси.

Кралицата му раскажува на кралот дека Хамлет во напад на лудило го убил Полониј и се кае. Кралот решава веднаш да го испрати Хамлет за Англија при што ќе го придружуваат Розенкранц и Гилдештерн на кои тој ќе им даде тајно писмо во кое пишува дека Британците треба да го убијат Хамлет.Полониј го погребуваат тајно за да се избегнат гласини.

Хамлет и неговите другари-предавници брзаат кон бродот.Среќаваат вооружени војници на чело со храбриот воин Фортинбрас.Хамлет ги праша каде одат.Тие велат дека се Норвежани кои одат да војуваат со Полска за парче земја.Хамлет се чуди што не можат да се договорат за такво пусто парче земја туку војуваат за него.

Тој размислува и сфаќа дека него го мачи сопствената нерешителност.Треба да се делува.Фортинбрас е храбар и делува,не е како него.

Дознавајќи дека неговиот татко починал ,од Париз се враќа Лаерт. Го чека друга невоља. Офелија полудела поради болката за својот татко и зборовите на Хамлет.

Лаерт сака да се одмазди.

Вооружен,доаѓа кај кралот.Тој го убедува дека Хамлет е виновен за се.Во тоа време доаѓа писмо со кое Хамлет соопштува дека се враќа.

Кралот сфаќа што се случило. Но тој кова нов гнасен план во кој го вовлекува Лаерт.

Тој предлага двобој меѓу Хамлет и Лаерт а за да биде убиството извршено со сигурност врвот од мечот на Лаерт да се намачка со смртоносен отров.Лаерт е согласен.

Кралицата со тага соопштува дека Офелија се удавила.

Се појавуваат Хамлет и Хорацио.Хамлет размислува.Го погребале Александар Македонски,тој станал прав,правот е земја од земјата прават глина и зошто со таа глина да не зачепат буре со пиво?

Се приближува погребната поворка. Кралот,кралицата, Лаерт, дворјаните. Ја погребуваат Офелија. Лаерт скока во гробот и вели да го погребаат со сестра му. Хамлет се кара со Лаерт сметајќи дека е лицемерен и вели дека самиот  ја сакал Офелија повеќе од илјада браќа. Тоа е искрено и длабоко чувство.

Кралот ги разделува.Тој му вели на Лаерт да се стрпи до двобојот.

Хорацио и Хамлет се сами.Хамлет му раскажува на Хорацио дека го прочитал писмото на кралот до Британците. Провидението го спасило и со помош на татковиот печат тој го сменил писмото и во него напишал да се убијат Розенкранц и Гилдештерн . Бродот го нападнале разбојници и Хамлет бил заробен па донесен во Данска.

Сега е подготвен да се одмазди.

Се појавува Озрик, близок на кралот и соопштува дека кралот се кладел дека Хамлет ќе победи во двобојот.Хамлет претчувствува предавство.

Пред двобојот тој бара извинување од Лаерт.Го уверува дека неговата постапка била во лудило.

Кралот за секој случај подготвил и пехар со отров кој ќе му го даде на Хамлет кога тој ќе посака да пие.

Лаерт го ранува Хамлет.Тие ги менуваат мечевите.И Хамлет го ранува Лаерт со отровниот меч.

Кралицата пие од пехарот со отров за здравје на хамлет.Кралот не може да ја сопре. Лаерт признава дека кралот е виновен за се.

Хамлет со отровниот меч го прободува кралот и самиот умира. Хорацио сака да го допие виното од пехарот но Хамлет го моли да остане жив за да ја раскаже неговата приказна. 

Хорацио на Фортинбрас и англиските пратеници им соопштува за смртта на Хамлет.Фортинбрас наредува Хамлет да се погреба со воени почести како вистински крал.

1 comment:

  1. Г-н Бенджамін падышоў і вышэй за свае патрабаванні, каб дапамагчы мне з маёй пазыкай, якую я выкарыстаў, каб пашырыць свой аптэчны бізнес, яны былі дружалюбнымі, прафесійнымі і абсалютнымі каштоўнымі камянямі для працы. Я рэкамендую ўсім, хто шукае крэдыт, звяртацца. Lfdsloans@outlook.com.WhatsApp ... +19893943740.

    ReplyDelete