Search This Blog

Thursday, June 14, 2012

Есеј за словенската писменост


Лицемерно од моја страна но за помош на средношколците (кутрите) :)
 Истовремено фрлам анатема врз професорите.
Анатема.Амантема.Анатема :)

Есеј за словенската писменост

Вовед

Зачетоците на писменоста на словенскиот народ кој од дамнешни времиња ја населувал половина од Европа и третина од Азија се во 9 век, кога по наредба на Византискиот император Михаил III, Константин Филозоф,по замонашувањето наречен Кирил ,ја создал древната словенска азбука ,првото писмо на Словените.

Словенската писменост била создадена со цел да се шири Христијанската религија помеѓу бројниот словенски народ.За таа цел Константин Филозоф со помош на новосоздадената словенска азбука ги превел црковните книги од грчки јазик на старословенски јазик.Црковните книги на старословенски јазик до денес се користат при црковната служба на Македонската православна црква.

Во времето во кое била создавана првата словенска азбука за црковна служба се користеле книгите напишани на грчки, латински и хебрејски јазик кои се сметале за свети јазици и преку кои се ширел божјиот збор.

Прифаќањето на словенскиот јазик во редот на светите јазици на кои е напишана Библијата било голем и значаен настан за словенскиот народ кој до 9 век немал развиена писменост и книжевност.

Старословенскиот писмен јазик не бил идентичен со говорните јазици на различните словенски народи но тоа не претставувало проблем бидејќи старословенскиот јазик претставувал „отворен систем„ слободен за проникнување во него на фонетските ,граматички и лексички црти на помесните јазици од секој етнички ареал(област).

Поради оваа карактеристика ,дејството на првиот литературен јазик на Словените врз живиот народен збор на кој допрва требало да се создава литературата на словенските народи не било погубно за живиот народен говор туку напротив го стимулирало интензивниот развој на месните словенски јазици.Развивањето на литературата овие народни јазици полека го истиснувало старословенскиот јазик од литературна употреба и со кодифицирање на националните азбуки во 19 век започнала да се создава посебна литература карактеристична за секој словенски народ.

Пишаните извори за историјата и потеклото на словенската писменост не се многубројни. Главни извори се „Житието на Константин„ и „Житието на Методиј„ тн „Панонски легенди„ и трактатот на Црноризец Храбар „За Буквите„(О Писменех).

Од „Панонските легенди „ дознаваме основни податоци за животот и мисионерската дејност на двајцата браќа по потекло од Солун: Св.Кирил (Константин Филозоф) и Св.Методиј , а од трактатот „О писменех„ на Црноризец Храбар добиваме повеќе податоци за потребата од создавање на словенската азбука како еден вид одбрана на легитимноста на писменоста на Словените .

Словенските народи,за разлика од другите народи ,за црковна служба користеле книги напишани со две писма,Глаголицата и Кирилицата.Официјално се смета дека Св.Кирил ја создал Глаголицата а Кирилицата е создадена подоцна од страна на негов ученик или ученици,но поради оскудноста на извори и информации расправата дали Св.Кирил ја создал Кирилицата или Глаголицата трае се до денес.


Житието на Константин Филозоф

Житие всушност значи опис на животот и делото на некој светец.Поради извонедните заслуги за христијанството преку ширењето на словенската писменост двајцата браќа Константин Филозоф и Методиј од христијанската православна црква биле прогласени за светци и апостоли (што значи рамни на оние кои први го проповедале евангелието-животописот на Исус) .

Од ова житие дознаваме дека Константин Филозоф бил роден во Солун од татко по име Лав кој бил висок службеник на Византиската империја.Тој од мали нозе покажувал интерес кон учењето и мудроста а како млад човек по една случка за време на лов решава да го прифати Христијанството.На 14 години родителите го испраќаат на школување во Цариград (Константинопол, денешен Истанбул) каде тој за кратко време ја совладува целата наука која се изучувала во тоа време , грчка граматика, делата на Хомер, грчките филозофски учења, аритметика, астрономија , музика и сл, и поради ова е наречен Филозоф.Титулата „филозоф„ во ова време ја носеле само образованите луѓе.Од страна на Византискиот император Константин бил испраќан во повеќе дипломатски мисии како претставник на црквата и империјата и тоа во мисија кај Сарацените(со муслиманска вероисповед),Хазарите(се еврејска вероисповед) и други, каде преку цитати и приказни од светите книги Филозофот ја бранел христијанската религија како државна религија на империјата.

Неговата најзначајна мисија била мисијата во Моравија ( денешна Чешка) каде тој заминал на покана на моравскиот кнез Ростислав.Исплашен дека словенскиот збор во Моравија ќе исчезне поради ширење на христијанството и писменоста на латински јазик, Ростислав бара од византискиот император човек кој ќе го шири христијанството на народен-словенски јазик откако ќе создаде посебно словенско писмо на кое ќе се преведе Библијата.

Константин бил вистински избор бидејќи тој за кратко време успеал да ја создаде словенската азбука и го превел Евангелието. Во Моравија Константин основал училиште во кое се изучувала новата словенска азбука и се преведувале црковните книги и таму останал околу три години.Подоцна заминал во Панонија каде исто така основал училиште и обучил околу 50 ученици.

Додека бил во Херсон (Крим) тој ги открил моштите ( остатоци од телото на светец) на Св.Климент , првиот римски папа и со нив заминал во Рим каде и од римскиот папа добил дозвола да ја шири словенската писменост.


                                                       Мапа на Кавказ и Крим во антиката.
Kрим се нарекувал Тавријски Херсон-на мапата како Tauric Chersonese

Константин починал во 869 г Рим откако една недела претходно се замонашил и го добил монашкото име Кирил.Било вообичаено при замонашувањето да се одбира име на светец заштитник ,кое започнуваа со истата буква како паганското име. Константин ,сега веќе Кирил , бил погребан во црквата Св.Климент во Рим.

Житие на Методиј

Во ова житие е опишан животот на Св.Методиј братот на Константин Филозоф,Св.Кирил.
Во житието нема многу детали од световниот живот на Методиј.Дознаваме дека е роден во Солун од добро семејство и дека поради неговата интелигенција и ученост бил испратен од византискиот император да биде епископ (поглавар на црква) во словенската држава Моравија.Тој заминал во мисија на ширење на христијанската религија кај Хазарите (кои главно биле евреи по верисповед) заедно со својот помлад брат Константин Филозоф.
Тие заедно заминале и на мисијата во Моравија а подоцна и во Панонија Методиј бил поставен за епископ.Пред смртта тој го назначил својот ученик Горазд како свој заменик.

По смртта на Методиј во 885 г неговите ученици се протерани од Моравија и, веројатно на чело со Св.Климент Охридски како епископ, заминуваат за Македонија каде основаат книжевна школа и го продолжуваат делото на своите учители.

Трактатот „О писменех„

Црноризец Храбар (псевдоним кој значи Храбар Монах,„црна риза„ значи монаштво а „храбар „ - затоа што истапува во одбрана на словенската писменост ) е средновековен писател од најстариот период на старословенската книжевност.

Се смета дека бил ученик на Св.Кирил и Методиј и на светите Климент и Наум кои по протерувањето од Моравија својата дејност ја продолжиле на Балканот во денешна Бугарија и Македонија.Освен филолошката расправа односно трактатот „За буквите„,не се познати други дела од овој писател.Во ова дело авторот ја брани словенската азбука од нападите на тн „тријазичници„ (оние кои сметале дека божјото слово треба да се шири само на три јазици :латински,грчки и хебрејски,како писма спомнати во Новиот Завет) а главно од Грците бидејќи тие на територијата на Византиската империја веројатно најмногу се противеле на употребата на новосоздаденото словенско писмо.

Црноризец Храбар во своето дело раскажува како Словените пред создавањето на словенската азбука и додека биле пагани пишувале со „црти и рецки„ а подоцна по прифаќање на христијанството и со други азбуки -но на словенски јазик . Тоа било многу неудобно бидејќи со латинската и грчката азбука никако не можела да се предаде гласовната (фонетската) карактеристичност на словенскиот јазик.Тој во своето дело вели дека словенската азбука е генијално дело на еден човек создадено за кратко време и затоа е посовршена од грчката која е создавана долго време и од различни луѓе.Потоа ја анализира словенската азбука за која тврди дека е составена од 38 букви од кои 24 се обликувани според грчките а останатите 14 според словенскиот говор.

За идентитетот на Џрноризец Храбар постојат многу противречни мислења.Некои сметаат дека тоа е некој книжевник од Преславската книжевна школа во Бугарија а некои дека под псевдонимот се крие Св.Климент Охридски.

Заклучок

Поради оскудноста на изворите деталите за потеклото на древната писменост на Словените е обвиткано во маглата на историјата ,слично како создавањето на другите древни литератури и писма ,и затоа интересот за проучување на овие извори не стивнува и во 21 век и секоја година се оддава почит на генијалноста на делото на првите словенски просветители.
Во што се состои генијалноста?
Во тоа што покрај извонредната карактеристика на првиот создаден старословенски книжевен јазик да стапува во ативно дејство со народниот словенски збор во неговите локални(народни) варијанти и да ги поврзува словенските народи , тој културно-историски ја поврзал и литературата на словенските народи со литературата на средоземноморските народи кои спаѓале во историски највисокиот културен круг .
На крајот , без словенската писменост и современата цивилизација би била посиромашна за суштината на народниот  бит и гениј  на бројниот словенски род.


2 comments:

  1. Bacooo daj za zmacenjeto na slovenskata pismenost za site sloveni esej

    ReplyDelete
  2. Браво Батка добив + од товјов есеј!

    ReplyDelete