Четвртата крстоносна војна (1202–1204) првично наводно започната за да се освои Ерусалим кој бил во рацете на муслиманите ,со напад преку Египет.
Но ,во април 1204, Крстоносците од западна европа го напаѓаат и освојуваат христијанскиот Константинопол, главниот град на источното римско царство-Византија. Ова се смета за краен чин на Големата шизма (поделба) помеѓу источната – ортодоксна црква и католичката црква.
Крстоносците воспоставуваат Латинско царство(1204-1261) и други мали латински држави на покорената територија на Византија .
Никита Хонијат (името му е дадено според неговиот роден град Хон ,во византиската провинција Фригија) е роден во средината на XII век и умрел, веројатно набрзо по 1206.
Се образувал во Константинопол и работел како како службеник на дворот на Мануел или Алексиј Комнен.
Постепено, добил доста висок ранг, високата позиција на логофет, главен на кралските спални и гувернер на Филипол.
До 1204 бил сенатор во Константинопол. Кога крстоносците го завзеле Цариград, тој изгубил сè и побегнал во Никеја.
Неговата "Историја" е детален опис на историјата на Византија 1118-1206 г.
Хонијат е еден од главните примарни извори за историјата на овој период, и прилично "верен",бидејќи самиот автор наводно бил очевидец на многу настани, или се потпирал на "очевидци".
Еве што вели Хонијат за уништувањето на статуите во Константинопол:
Кога во нашата империја граѓанската власт, според неодгатливите патишта на Бога, владетелот и администраторот на сите човечки работи, паднала во рацете на французите а духовната власт во рацете на венецијанците, пристигнал од Венеција во Константинопол, во својство на патријарх константинополски , некојси Томас. Тој бил со средна височина, но така набиен што личел на дебела ухранета свиња.Лицето го бричел, како и сите негови сонародници, и брадата ја бричел со жилет остар како срп – се облекувал во наметка, како пришиена за телото и тесно припиена за двете раце - носел прстен на раката, а понекогаш и ракавици, кои го покривале секој прст . Заедно со него дошла и свита монаси и свештеници - исто така мрсни, многу слични на нивниот шеф и по нивната облека, и по начинот на живот,и по стилот на брадата.
Од почеток, како што велат, на секој чекор покажувајќи се како незнабожечки среброљубци, тие смислиле еден нов вид грабеж, кој не им паднал на ум на поранешните ограбувачи на Константинопол.Имено, тие ги отвориле гробниците на кралевите, кои стоеле во погребната капела, до главниот храм на Христовите ученици, и сред ноќ сите ги ограбиле, осквернавувачки крадејќи ги сите златни украси, бисери и блескави скапоцени камења, кои биле положени со нив при закопот. Телото на кралот Јустинијан се покажало и по толку векови непроменето. Иако овој феномен ги погодил како чудо, не можел да ги одврати од осквернавувачкиот грабеж. Така западните дојденци не поштедиле никого , може да каже ,ниту жив ниту мртов, туку со иста рамнодушност и непочит се однесувале кон се што било сторено со Бога и од богоугодниците.
По некое време тие ја украле дури и завесата од големиот храм, проценета на неколку илјади мини од чисто сребро и целата извезена со злато.
Но, бидејќи и по ова им требале пари (бидејќи љубовта на варварите кон парите не знае за ситост), тие ги свртеле очите кон бронзените статуи и ги дале да се претопат. Така била претопена и претворена во монети од плоштадот на Константин бронзената статуа на Хера, на која само главата едвај можеле четири воловски запрежни коли да ја пренесат во големата палата . По неа бил симнат од пиедесталот и Париз Александар, кој стоел веднаш до Афродита, и и’ го подавал со раката на божицата златното јаболко на раздорот.
Кој не се чудел на разновидноста на уметничките украси, не се восхитувал на добро познатиот висок, четириаголен ,бронзен столб , речиси еднаков на висината на најголемите колонади, расфрлани по сите делови на градот? Меѓу различните слики насликани на него, можеле да се видат сите видови на песнопојни птици, кои ја опевале пролетта, работата на земјоделците, овчари со флејти, молзење крави, размекани овци, раскокани овни – на него, разлеани по широкото море ,можеле да се видат јата риби, од кои некои се препелкаат во мрежа, додека други се пробиле низ мрежата и повторно слободно полетале во длабочините, тука, по два или три ,стоеле еден спроти друг голи Ероси разменувајќи јаболка, пливнати во гласна слатка смеа. Врвот на овој четириаголен столб, кој завршувал остро, украсен со пирамида, го красела статуа на жена,која ротирала при секоја промена на ветрот, па затоа била наречена ветроказница. Латините го дале, сепак, и тоа прекрасно уметничко дело на топење, исто како и застанатиот на Тавријскиот плоштад ,застанат на квадратен пиедестал, јавач, со извонредна сила и впечатлива појава. Некои велеа дека овој јавач бил Исус Навин, расудувајќи од фактот дека ги протегал рацете кон сонцето, кое заоѓало на запад, за да му заповеда да се запре над Гаваон, но во најголем дел сметаа дека тоа е родениот и израснат во Пелопонез, Белерофонт, кој јава на Пегаз. Всушност, коњот немал узди, како Пегаз кој во легендата слободно лебдел над полињата и летал на своите крила и брзи нозе, не слушајќи ниеден јавач. Покрај тоа, сите изјави кои дошле до нас од стари гласини се дека под левото предно копито на коњот на статуата ,лежел човек, според некои, венецијанец, а според некои други - некој друг странец од запад, од народ кој не бил во сојуз со Римјаните, , па дури и Бугарин. Во старо време неколку пати го зацврстувале ова копито,за да не може да се украде она, кое наводно било скриено во него. Кога коњот со јавачот бил скршен на парчиња и стопен, била пронајдена ,скриена во копитото на коњот, бакарна статуа, облечена во грубо сукно, направено од волна. Не грижејќи се многу за она што било прикажано на неа, Латините ја фрлиле во оган.
Не почитувајќи ја благодатта, варварите не ги поштедиле ни статуите ни сите видови на други чудесни уметнички дела кои стоеле на хиподромот. Исто како гореспоменатите, тие ги претопиле во монети на таков начин што ги размениле големите нешта за мали и она кое во свое време вредело многу го размениле за неколку безвредни парчиња бакар. Била симната и огромната статуа на Херкул Триспегер, која се потпирала на една огромна кошница. Бил наметнат со раширена лавовска кожа чија глава, исто така бронзена изгледала толку страшно како да секоја минута е подготвена да за’ржи, и не на шега ги збунувала глупите сеирџии. На оваа кожа седел Херкул - не со колчан или лак во рацете, и не со подигнат стап, туку едноставно без ништо - со десната нога и десната рака протегнати во целосна должина, левата нога свиткана во коленото, и потпирајќи се на својот лев лакот а со останатиот дел од раката пуштен напред со положена глава лесно на дланката и со израз на тага. Со таков изглед тој како да ја оплакувал својата судбина и размислувал за тежината на неговите задачи, чие исполнение му ги наложил возгордеаниот Евристеус не толку од потреба, колку од злоба. Статуата имала силни високи гради, широки рамења, кадрава густа коса, дебели нозе, силни мускули и толку огромна височина како што, сметам, си го замислувал Лисимах Херкула, создавајќи го од бакар прв и последен пат ова чудесно дело на неговите раце. Всушност таа била толку голема што јажето околу палецот на неговата рака било доволно за појас на еден обичен човек а должината на неговата потколеница – била во висина на човек. Но, и таквата бесценета статуа не ја поштедиле луѓето кои ја издвојувале храброста од останатите доблести и си ја припишувале себеси, како највисок квалитет.
Заедно со оваа тие ја уништиле и статуата на натовареното ,со мака одејќи напред, Магаре, а по него и неговиот гонич, која била поставена од Цезар Август во Акциум, во елинскиот град Никопол, по повод настанот кога одејќи ноќе да изврши увид во армијата на Антониј се сретнал со непознат човек кој водел магаре, и, судбоносно, го прашал за неговото име и каде оди, па добил одговор: "Моето име е Никон, моето магаре е Никандар, и јас одам кон војската на Цезар."
Потоа тие ги положиле рацете на Хиената и Волчицата кои ги доеле Ромул и Рем, и исто така ги дале на топење, добивајќи корист од таквиот стар споменик на древниот фолклор неколку грстови бакарни парички. Истата судбина, ја доживеле и : Човекот кој се бори со лав; Нилскиот коњ, чиј заден дел од телото завршувал со опашка покриена со крлушки, Слонот, со зачудувачко тело, Сфинги, претставени напред како убави жени а одзади како ужасни суштества од необичен вид, способни да одат по земја а сепак , лесно да летаат во воздухот натпреварувајќи се со брзолетните птици; незауздан коњ , со подигнати уши како ‘ржи величествено и слободно истапува напред; античкото чудовиште - Сцила, која до појасот имала изглед на висока, напната и жестока жена, а надолу се разгранувала во многу диви ѕверови претставени како го напаѓаат бродот на "Одисеј" и голтаат голем број од неговите сопатници.
Имало на Хиподромот и скулптура на бронзен орел - изработка на Аполониј Тијански и прекрасна креација на неговата магија. Некогаш Византијците, искористувајќи ја предноста на доаѓањето кај нив на волшебникот, апелирале до него да се справи со некоја Змија од која трпеле тешко. Потоа, извршувајќи различни магии ,кои им ги кажувал на демоните и нивните зли служители, тој поставил на столб слика на орел - прекрасно дело на уметноста, на кој ако му се восхитуваш можело да си ги уништиш очите и неизбежно мораш да останеш прикован на место, исто како оние, кои слушајќи го пеењето на сирените, би сакале да тргнат по нив. Орелот ги имал раширено своите крилја како да сака да полета, а пак под нозете му лежела свиткана во колце Змијата, која не го оставала да летне нагоре и закопувајќи ја главата во неговото крило, очигледно сакала да го касне. Но, напорите на отровното животно биле залудни. Стегната со острите канџи, Змијата ја изгубила својата сила, и се чинело дека е веќе подготвена да заспие, или да ја испушти душата ,кога го впила осилото во крилото на победничката птица. Така,во смртта, таа го зела со себе и својот смртоносен отров. Од своја страна, орелот, со горд и величествен изглед само не што крикнал за победа, решил да ја земе и однесе со себе во воздушниот простор, како што било лесно да се каже од неговиот триумфален поглед.
Ненамерно се претставувало и дека убивајќи ја во своите канџи Змијата , која ја изгубила моќта на својот скршен смртоносен загриз, како да се сакало нејзината безнадежна позиција да ги исплаши сите други византиски Змии кои многу би се исплашиле од нејзиниот пример, да се соберат заедно, и да побегнал во дупките. Згора на опишаното, оваа слика на орел била восхитувачка и во смисла дека, на јасно време, кога сончевите зраци не се криеле зад облаците, сосема јасно им се покажувале на луѓето кои гледале со разбирање, часовите на денот со помош на 12 линии изрежани на крилјата на орелот.
А што , Елена со раменици како лилјан, прекрасно шармантна, со тенка става, која ги натерала сите Грци против градот на Пријам – разрушувачката на Троја, која од Троја дошла до светите води на реката Нил и од таму,па по долго отсуство се вратила повторно во татковината на Лаконците – ги омекнала ли таа оние кои не се омекнуваат? Ги поколебала ли оние со железо срце? - За жал, ништо од тоа не можела да стори ни таа, чија убавина несвесно ги заробувала сите, иако со својата бујна убавина и во бронзена форма била прекрасна! Сè на неа асоцирало на љубов - и нејзиниот хитон, потенок од пајажина и елегантно фрлената прекрасно изработена покривка, и венецот кој и паѓал на челото, направен од злато и скапоцени камења, и бујната, лабава, и развеана коса на ветрот , врзана зад главата со превез, но потоа пуштена слободно до колената. Нејзината полуотворена уста како розова пупка, која се чинело дека ќе ти прозбори, со убава насмевка, која игра на неа , внесувала радост во срцето на гледачот.Нејзините весели очи, засведени со веѓите, сите останати делови од нејзиното тело биле толку убави, што залуден е секој обид да се прикажат со збор и да се пренесат на потомството. Каде е убавата ќерка на Тиндар, блаженството на Ерос, миленицата на Афродита, украсот на природата, предметот на војна меѓу Тројанците и Елините, каде бил, Елена, твојот
„Тажнослаок,светосоздателен,срцезаборавен,
Бедоносен„,
благотворен пијалок, кој во Египет тебе штедро ти го поделила сопругата на Фоон?Каде било твоето непобедливо заведување?Зошто не си го искористила сега како порано?Меѓутоа,веројатно,силата на судбината ти определила да ја испробаш силата на огнот,кој ти самата,дури и со својата слика,постојано си го кревала во крвта на твоите поклоници.Некој можеби ќе дојде на идеја дека потомците на Енеј тебе те осудиле на пламен за да се одмаздат за огнот,пламнат од твојот шарм,во кој изгорела Троја,но јас не можам тоа да го речам,ниту да го помислам,бидејќи знам дека само безумната страст кон златото ги довела до уништување на сите ретки и прекрасни уметнички дела , оние кои се често подготвени да ги продадат и дадат за малку пари дури и сопствените жени,особено кога играта ќе им се вовлече во коски,па седат по цел ден над шаховската табла ,или кога облекувајќи се во воен оклоп,се одушевуваат со неразумна храброст ,па во безумна слепа страст еден против друг му го предлагаат притоа како награда на победникот,сиот свој имот,своите законити сопруги,кои им донеле среќа да бидат наречени татковци,и уште поважно ,ја нудат и самата своја душа за спасение ,на кое работи секој човек.Освен тоа ,како може овие неписмени и совршено необразовани варвари да знаат да го прочитаат она кое е кажано за тебе во следните стихови на познатата рапсодија
„Не,да се осудат е невозможно,што синовите на Троја и Ахајците
Насилие за таква жена и невољи многу трпат
Навистина на вечните божици таа со убавината е слична„
Ќе ви кажам и нешто друго. Стоела во колонадата и статуа на млада жена во цутот на животот, со коса зачешлана од двете страни на челото и крената во задниот дел од главата - не многу висока, така што би можела да се дофати со рака.Десната рака на оваа Жена, без потпора држела во својата дланка статуа на Коњаник за едната нога на коњот со таква леснотија со која некои не би можело да се држи ни чаша вино. Коњаникот бил со силна става, во оружје, облечен во хеланки и имал воинствено држење на телото. Коњот ги кренал ушите, како да слуша звук на труба, го свиткал вратот нагоре, го изострил погледот ,и очигледно, незадржливо тргнал, претајќи со нозете во воздухот, како во жестина на воен судир.
Зад оваа статуа, на источниот, т.н. рузијски круг, околу патеката на хиподромот, била застаната на пиедестал статуа на Возач на кола за трки - пример на оваа умешност. Бронзениот јавач имал поза на рацете како гласно да вика кон живите натпреварувачи соперници, кои приоѓаат кон завртувачкиот столб, дека не треба да ги отпуштаат уздите, туку нагло да ги свртат нивните коњи и заедно, посилно да ги гонат така што, приближувајќи се до цртата на свртување, го принудувал својот противник да направи непотребен пат, и така да дојде пред него, иако неговите коњи биле побрзи и тој бил мајстор на трки со коли.
Немам намера да ги опишувам сите, но еве уште неколку зборови – за едно многу убаво и според уметничките проценки речиси најдобро уметничко дело. На еден мермерен пиедестал стоела бронзена статуа на животно, најверојатно, бик, како што може да се процени според кусата опашка и опуштениот врат, какви што обично се египетските бикови, но сепак без раздвоени копита. Ова животно безмилосно гушело и гризало со своите вилици некое друго животно кое по целото тело, било покриено со остри крлушки па дури и нежен допир врз статуата предизбвикувал болка. Најголем дел велеле рече дека ова животно претставувало Гуштер, а други, Аспида. Други, пак, сметале дека првото било Нилски бик, а второто - крокодил. Но, јас не сум заинтересиран за разновидноста на мислењата, извонредна, навистина била чудната, дива борба на едното и другото животно, во која секое од нив било нападнато, и напаѓало,губело и триумфирало и на долната сила, победувало и отстапувало истовремено и самото победено од противникот.Едното, претпоставуваме дека е Гуштерот- се надуло, од глава до пети, покриено со некаква ‘рѓа и ужасно зелено, бидејќи злобата му навлегла во целото тело и му дала апсолутно мртовечки изглед: колениците му се свиткале, неговите очи згаснале, сета животна сила избледела. Гледајќи во него, некој би си помислил дека одамна паднал мртов, ако цврстите нозе над колената не го потпирале и држеле механички во стоечка позиција. Второто исто така, кое притиснато од неговата вилица, речиси воопшто не мрдало со опашката и силно зинало, не можејќи да диши во страшниот стисок: очигледно, се обидувало, и ги употребувало сите сили да избега од моќните вилици и фаталните заби, но не можело никако, затоа што било заглавено и фиксирано во челуста со целото тело, почнувајќи од вратот и предните нозе се до опашката.
Бидејќи тие взаемно се убивале еден со друг: и двајцата се бореле, и ги исцрпувале сите напори, двете победувале и двете умирале истовремено.
Сакам да кажам дека овој вид на взаемно самоуништување, во меѓусебна, безмилосна, деструктивна и смртоносна борба може да се види не само во статуите туку и во реалниот живот, кај дивите животни, но исто така и во животот на народите кои ја имаат поробено нашата римска држава – уништувајќи се еден со друг и истребени од моќта на Христос, кој, мешајќи им ги јазиците на оние кои ја избираат војната ,бидејќи не ужива во крвопролевање, на праведните им го дава своето благодатно ветување: Со ногата ќе газиш лав и лутица, ќе ги згазиш лавчето и змијата. (Псалм. 91, 13).
Никита Хонијат,Историја-За статуите во градот Константинопол
No comments:
Post a Comment