Стихови на Никола Маџиров
СЕНКАТА НА СВЕТОТ НАД СРЦЕТО МИ МИНУВА*
Ја немам храброста на преместен камен.
Ќе ме најдеш испружен врз мокра клупа надвор од сите логори и арени.
Празен сум како ќесе
наполнето со воздух.
Со дланките оддалечени и прстите споени покрив покажувам.
Мојата отсутност е влог за сите
раскажани истории и смислени недостигања.
Имам срце прободено со ребро.
Низ мојата крв парчиња стакло минуваат
и неколку облаци скриени зад белите зрнца.
Прстенот на мојата дланка нема сопствена сенка и потсеќа на сонце.
Ја немам храброста на преместена ѕвезда.
*Стих од Лучијан Блага
*Стариот монах ми шепоти од прагот
Млад човеку ,ти, кој минуваш низ тревата на моето скривалиште,
Има ли уште долго до зајдисонцето?
Сакам да го испуштам мојот последен здив
со змиите смачкани во зората
од стапот на овчарот.
Зарем не се грчев во правта токму како нив?
Зарем не се извивав на сонцето како нив?
Мојот живот беше се што ќе посакаш
Некогаш ѕвер,
Некогаш цвет,
или црквено ѕвоно во караница со целото небо.
Денес сум овде, молчалив, и празнината на гробот
ми ѕуни во ушите како глинен сточен ѕвонец.
Го чекам на прагот студенилото на крајот.
Уште многу ли има?Ајде, млад човеку,
Земи малку прав со раката
и фрли ми ја на главата ,наместо вода и вино.
Покрсти ме со прав.
Сенката на светот над срцето ми минува.
”
Луцијан Блага
No comments:
Post a Comment