Ќерката на Албион
Пред куќата на помешчикот Грjaбов застана прекрасна кочија со гумени тркала, со дебел кочијаш и со кадифено седиште. Од кочијата се појави околискиот предводител на дворјанството Фјодор Андреич Отцов. Во преддворјето го сретна поспаниот слуга.
- Господарите дома ли се? - Праша предводителот.
- Не сосем. Господарката и децата отидоа на гости, а господарот со мамзел гувернантата отиде на риболов. Уште утрината.
Отцов постои, помисли и тргна кон реката да го пронајде Грјабов.Го најде го на околу два километри од дома, во близина на реката. Кога погледна надолу од стрмниот брег и го виде Грјабов, Отцов започна да да се смее ... Грјабов, крупен, дебел човек со многу голема глава, седеше на песокта, ги скрстил под себе нозете по турски, и лови риба со јадица.
Шапката му беше на тилот, врската му се изметнала настрана. До него стоеше висока, тенка англичанка со испакнати очи како рак и голем птичји нос кој личеше повеќе на кука, отколку на нос.
Беше облечена во бел муслинов фустан низ кој јасно се проѕираа сувите и жолти плеќи. На нејзиниот златен појас висеше златно часовниче. И таа ловеше риба со јадица. Околу двајцата владееше мртва тишина. Обајцата беа неподвижни, како реката, на која пливаа тапите од јадиците.
- Страстна желба, но смртно здодевна! – Се насмеа се Отцов. - Здраво, Иван Кузмич!
- А. .. ти ли си? - Праша Грјабов без да ги откачи очите од водата. - Пристигна ли?
- Како што гледаш ... А ти сеуште се занимаваш со тие свои глупости! Не си се одвикнал уште?
- Каде, по ѓаволите ... Цел ден ловам, од утрото ... Некако не оди денес. Ништо не фатив ниту јас, ниту таа караконџулата. Седиме, седиме и никаков ѓавол! Просто да си пукнеш од мака!
- Ај остави! Дојди да пиеме вотка!
- Почекај ... Може ќе фатам нешто. Приквечер рибата повеќе јаде ... Седам, брат, тука од утрото! Таква досада што не можам да ти опишам. Кој ѓавол ме тераше да се зафатам со овој лов! Знам дека е глупост, а седам! Седам како некој подлец , како осуденик и гледам во водата, како будала ! На косидба треба да одам, а јас риба ловам.Вчера во Хапониево служи неговото превосвештенство , а јас не отидов, тука седев ,еј ,со оваа кечига ... со оваа вештерка ...
- Но ... ти чукнат ли си? - Праша Отцов и со срам погледна во англичанката. - Пцуеш пред дама ... и тоа неа ...
Нека оди по ѓаволите! Сеедно, ништо не разбира руски.Ако сакаш, фали ја, ако сакаш ругај ја - сеедно и е неа! Погледни и го носот! Само од носот ќе паднеш во несвест! Седиме по цел ден заедно и ниту збор! Стои како плашило и гледа со ѕрцалата во водата.
Англичанката се прозевна, смени црв и ја фрли јадицата.
- Вистински ми е чудно, брат! - Продолжуваше Грјабов. - Живее, глупачката, во Русија десет години, и ниту збор не знае руски ... Ќе отиде некое наше аристократче кај нив и брзо ќе се научи по нивно да дрдори, а тие ... ѓавол ќе ги знае! Ти погледни и го носот!Носот погледни и го!
- Па, престани де ... Непријатно е .. Што си се зајал со жената?
- Таа не е жена, туку мома ... За младоженци сигурно сонува ѓаволската кукла. И мириса на некој гнилеж ... Сум ја замразил, брат! Не можам да ја гледам рамнодушно! Кога ќе ми се опули со тие очиштата, целиот се изобличувам, како да сум се удрил со лактот во ограда. И таа сака да лови риба. Погледни: лови и свештеночинува! Со презир гледа на се ... Стои, неранимајката, и свесна е дека е човек и дека, значи, е цар на природата. А знаеш ли како се вика? Уилка Чарлзовна Тфајс! Пфу! ... Не можеш да го изговориш!
Англичанката си го чу името, полека го изви носот кон Грјабов и го измери со презрив поглед. Од Грјабов ги крена очите кон Отцов и го облеа и него со презир. И сето тоа тивко, важно и бавно.
- Виде ли? - Праша Грјабов со смеа. - На ви ,значи, на вас!Ах ти, караконџо! Заради своите деца само го држам овој Тритон.Да не беа децата, и на десет километри од имотот не би ја пуштил ... Нејзиниот нос е ист како на јастреб ... А половината! Оваа кукла ми личи на долг клинец. Да го земеш, знаеш ,и да го забиеш во земјата.Чекај ... Ми се чини дека мојата јадица нешто ја касна ...
Грјабов скокна и ја крена прачката. Конецот се оптегна. ...Грјабов повлече уште еднаш, но не ја извади јадицата.
- Се закачила! - Рече тој и се намршти. - За камен сигурно ... Ѓавол да го земе ...
На неговото лице се испиша страдање. Додека воздивнуваше, мрдајќи немирно и мрморејќи клетви, тој почна да го влече конецот.
Влечењето не доведе до ништо. Грјабов пребледе.
- Штета!Мора да влезам во водата.
- Ај остави ја!
- Не може ... Приквечер убаво се лови ... Види ти која беља, прости ми господе! Треба да влегувам во вода. Треба! А пак да знаеш како не
ми се соблекува. Англичанката треба да ја истерам ...Непријатно ми е пред неа да се соблекувам. Сепак дама е!
Грјабов ја фрли капата и врската.
- Мис ... -Ух ... - Се сврте тој од англичанката. - Мис Тфајс! Же вупри * (* Ве молам ... (од фр.. - je vous prie)). Па, како да и кажам? Па, како да ти кажам за да разбереш? Слушајте ... натаму! Натаму одете! Слушаш ли?
Мис Тфајс го облеа Грјабов со презир и испушти звук од носот.
- Што? Не разбирате ли? Мафни се оттука, ти велам! Треба да се соблекувам, ѓаволска кукла! Натаму оди! Натаму!
Грјабов ја тргна мис за ракавот, и ги посочи грмушките и клекна: оди, значи, зад грмушките и сокри се таму ... Англичанката, движејќи ги енергично веѓите, брзо кажа долга англиска реченица.Помешчиците почнаа да се смеат.
- Прв пат во животот и го слушам гласот.. Нема што да се каже- гласче!Не разбира! Па, што да и направам?
- Пушти ја! Да одиме да си пивнеме вотка!
Не може, сега треба да се лови ... Навечер ... Па, што ќе кажеш? Види ти беља! Ќе треба да се соблекувам пред неа ...
Грјабов го соблече палтото и елекот и седна на песокот да си ги соблече обувките.
- Слушај, Иван Кузмич - рече предводителот, додека се смееше во раката. - Тоа веќе, пријателу, е исмејување,шега.
- Никој не ја моли да не разбира. Тоа им е за лекција на странците!
Грјабов ги собу обувките, панталоните, ја слече својата долна облека и се најде во адамов костум. Отцов се фати за стомакот. Тој се вцрви од смеа и од срам. Англичанката замрда со веѓите и замижа со очите ... По жолтото лице и помина надмена, презрива насмевка.
- Треба да се разладам - рече Грјабов додека се тупкаше по бутовите. - Кажи ми, ти се молам , Фјодор Андреич, зошто секое лето се исфрлам по градите?
- Но, влегувај побрзо во водата или покриј се со нешто!Животно!
- Барем малку да беше се посрамила неранимајката! - Рече Грјабов, додека влегуваше во водата и се крстеше. - Брр ... ладна вода ... Види ја како си ги мрда веѓите! Не се помрднува ... Над толпата стои! Хе хе-хе-... И за луѓе не не' смета!
Кога влезе до колена во вода и се исправи со целиот свој грамаден раст, тој намигна и рече:
- Ова, брат, не и е Англија!
Мис Тфајс ладнокрвно смени црв, се прозевна и ја фрли јадицата. Отцов се сврте настрана. Грјабов ја откачи куката, се нурна и со пуфкање излезе од водата. По две минути тој веќе седеше на песокот и пак си ловеше риба.
А.П.Чехов
1883
No comments:
Post a Comment